Ердоган му го честиташе реизборот на Мадуро за претседател на Венецуела

Од:

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му го честиташе резиборот на својот венецуелски колега Николас Мадуро, со што стана еден од ретките лидери кој ја поздрави изборната победа на претседателот на Венецуела.

Изборната победа на Мадуро претходно ја поздрави и рускиот претседател Владимир Путин.

САД, Канада, ЕУ и десетина земји од Латинска Америка оценија дека изборите се нелегитимни и соопштија дека не ги признаваат изборните резултати.

– Изборите во Венецуела, на кои Николас Мадуро освои нов шестгодишен претседателски мандат, не ги исполнија меѓународните стандарди, соопшти вчера Европската унија и порача дека го разгледува својот одговор.

Во соопштението се оценува дека претседателските и регионалните избори во Венецуела биле спроведени без национален договор за изборниот календар, како и без исполнување на минималните меѓународни стандарди за веродостоен процес.

Организацијата на американските држави (ОАС) вчера исто така соопшти дека не ги признава резултатите од претседателските избори во Венецуела/

– Ние не го признаваме Николас Мадуро за легитимен претседател на Венецуела. Венецуела има потреба од преодна влада која ќе создаде легитимен изборен систем кој, од своја страна, ќе овозможи решенија за земјата, изјави генералниот секретар на ОАС, Луис Алмагро.

Членовите на Групата од Лима објавија дека одлучиле да ги повикаат своите амбасадори во Венецуела на консултации и нагласија дека не го признаваат исходот од изборите, бидејќи ги сметаат за незаконски.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент Хедер Нојерт изјави дека изборите во Венецуела не се легитимни, истакнувајќи дека САД поддржуваат „слободни и фер избори“.

– Таканаречени избори во Венецуела не се легитимни. САД, заедно со демократските земји ширум светот, го поддржуваат венецуелскиот народ и неговото суверено право да ги избираат своите претставници по пат на слободни и фер избори, напиша вчера Нојерт на Твитер.

Како одговор, Венецуела вчера го протера највисокиот американски дипломат во земјата. Мадуро во телевизиско обраќање на привремениот вршител на должност американски амбасадор Тод Робинсон и на неговиот заменик Брајан Наранхо им даде рок од 48 часа да ја напуштат земјата.

Тој го презема овој чекор еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп најави нови санкции против Венецуела по реизборот на Мадуро на изборите во неделата. Двете земји немаат амбасадори една во друга од 2010 година.

Според податоци на Националниот изборен совет на Венецуела, Мадуро освоил околу 6,2 милиони гласови на изборите во неделата, а неговиот главен ривал Енри Фалкон освоил 1,9 милиони гласови.

Би можело да ве интересира

Шест странци уапсени во Венецуела за наводен заговор на ЦИА за убиство на Мадуро

Силен земјотрес ја потресе Турција

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Млади војници дадоа просекуларна заклетва, Ердоган најави „чистка“ во армијата

(ВИДЕО) Пронајдено е телото на малата Нарин по која трагаше турската полиција

Чистка во Венецуела: Сменети се сите кои одлучуваат за нафтата

Мадуро одлучи: Божиќ ќе се слави на 1 октомври

Горан Наумовски