Државниот секретар на САД Хилари Клинтон, во своето второ сведочење за нападот врз американскиот конзулат во Бенгази во еден ден, повтори дека презема одговорност за нападот во кој беше убиен амбасадорот во Либија Кристофер Стивенс, вработен во конзулатот и двајца вработени во обезбедувањето кои се обидуваа да ги одбијат нападите.
Сепак, и покрај преземањето на одговорноста, Клинтон потенцираше дека лично не решавала за барањата да се засили безбедноста во конзулатот кој беше освоен од страна на неколку стотици добро вооружени либиски исламисти, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
– Имав голема доверба во луѓето кои ги подготвуваат безбедносните процедури, бидејќи во најголем дел од времето ги погодуваат состојбите. Имаше сериозни проценки извршени од професионалните лица за безбедноста на објектите, вклучително и за Бенгази, изјави Клинтон.
Државниот секретар, која наскоро ја напушта функцијата, утринава сведочеше пред Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат, а попладнето се појави пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
За разлика од првото сведочење, каде накусо се расплака, Клинтон беше подобро расположена во второто соочување во Конгресот. Демократските конгресмени во текот на нејзиното сведочење повеќе пати вината за пропустите ја префрлија врз републиканците во Конгресот, кои гласале за намалување на буџетот на Стејт департментот за изградба на амбасади и нивно обезбедување.
И Клинтон рече дека финансиските фактори влијаеле врз безбедноста на конзулатот во Бенгази. Демократскиот конгресмен од Њујорк Елиот Енгел изјави дека Клинтон не е виновна за нападот врз конзулатот, како што ниту претседателот Џорџ В. Буш не бил виновен за терористичките напади на 11 септември 2001 година, а претседателот Роналд Реган за нападот врз касарната на американските маринци во Бејрут во 1983 година.
Илеана Рос Лејтинен, републиканка од Флорида, ја обвини Клинтон дека во Стејт департментот не се преземаат мерки за казнување на одговорните функционери. Неколкумина функционери кои беа сменети од позициите затоа што ги одбиле барањата за подобро обезбедување на конзулатот сепак останаа на работа во американската дипломатија.
– Зошто не преземавте јавни мерки да се надмине оваа ситуација? Промовирате впечаток дека во Стејт департментот летаат глави по вакви грешки, сите велите дека се преземаат мерки да се дисциплинираат одговорните функционери, но не е преземена сериозна мерка. Само ги ротирате луѓето од едно место на друго, изјави Лејтинен.
Клинтон, во своето сведочење, ја демантираше информацијата дека заедно со други високи претставници на Белата куќа и на Секретаријатот за одбрана, во живо ги гледала нападите врз Бенгази, но сепак не донеле наредба да им се испратат засилувања на малубројните лица од обезбедувањето.