Слоу фуд Македонија на „Тера Мадре Балкан“ во Брисел

Од:

Делегација на Слоу фуд Македонија од 21 до 23 мај годинава ќе биде дел од 5. „Тера Мадре Балкан“ што ќе се одржи во Брисел.

Производители, готвачи, експерти, активисти и претставници на Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство се во состав на делегацијата. Тие на предвидените конференции и дебати ќе ги изнесат предлозите за подобрување на постојната национална регулатива за олеснување на традиционалните производства, а потоа, секој од нив во својот домен ќе го презентира сработеното изминатите 12 месеци во рамки на проектот „Од нива до маса – канализирање на проблемите на фармерите“.

„Тера Мадре Балкан“ најавува присуство на преку 100 делегати од девет земји: Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Хрватска, Бугарија, Романија и БиХ, кои ќе бидат репрезенти на големиот број поддржувачи на Слоу фуд во Регионот, на 24-те президиуми, повеќето од 100 заедници на храна, на 50-те готвачи и на 15-те образовни програми за исхрана и вкус.

По досегашните четири изданија, во Софија 2010 и 2012 година, како и во Дубровник 2014 и во Тирана 2016, мрежата Тера Мадре Балкан одлучи годинава (која е клучна за новата Заедничката земјоделска политика на ЕУ (ЗЗП)) својот глас да го „крене“ директно во срцето на европската дебата. Организирани ќе бидат серија настани преку кои ќе се демонстрира богатството и потенцијалот на различности со кој располага Балканот – од политички дебати до дегустации и вмрежување со производители на традиционална храна.

– Балканот е познат по својата исклучителна традиција кога се во прашање храната и земјоделските практики. Но, неговиот потенцијал од овој аспект често не може да дојде до израз поради неусогласеноста меѓу политиките, нивната имплементација и реалноста на терен. Следните месеци ќе бидат од суштинско значење за да се дефинираат патеките на новата Заедничка земјоделска политика во ЕУ, чие влијание особено ќе се почувствува кај новите земји членки и земјите кандидати, велат од Слоу фуд Балкан.

Според Слоу Фуд Балкан, реформираната ЗЗП треба да опфаќа не само производство на храна, земјоделство и трговија, туку и квалитет на храна и животна средина, здравство, ресурси и управување со земјиштето, екологија, социјални и културни вредности.

– Само така замислена, ЗЗП навистина може да обезбеди одржлив рурален развој, децидни се од организацијата.

„Тера Мадре Балкан“ се одржува во рамки на бугарското претседателство со ЕУ кое посебно внимание посветува на Западен Балкан и на неговата иднина во Унијата. Затоа, во фокусот годинава ќе биде конференцијата „Западен Балкан за одржлив рурален развој како двигател на интеграцијата во ЕУ” која ќе се одржи во вторник, на 22 мај во Европскиот парламент, а се очекува да присуствуваат европарламентарците Владимир Уручев и Андреј Ковачев (Бугарија), Адина-Јоана Валеан (Романија) и Дубравка Шуица и Ивана Малетиќ (Хрватска).

Одбележан ќе биде и Меѓународниот ден на биолошката разновидност, 22 Мај, со изложба и дегустациска сесија на разновидност на храна од Балканот.

Вечерта на 22 мај е резервирана за Слоу фуд готвачите, членови на т.н. Алијанса на готвачи. Тие, заедно со гостите-готвачи од Балканот ќе креираат ад-хок менија преку кои, повторно, ќе биде доловено богатството на балканското гастрономско наследство кое се уште е непознато за многумина во ЕУ.

Следниот ден, на 23 мај, ќе се одржи конференцијата „Иднината на балканското наследство на храна” која треба да ги детектира потребите, ограничувањата и потенцијалите на балканските производители да додадат вредност на нивната храна преку шемите за квалитет на ЕУ (PDO/PGI). Конференцијата ќе се организира во партнерство со Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на ЕУ (ГД Агри), а домаќин ќе биде Бугарското постојано претставништво во Брисел.

Петтото издание на „Тера Мадре Балкан”, поддржано од Европската комисија, го организира Слоу Фуд Балкан во соработка со членовите на Европската народна партија (ЕПП) од Бугарија, Хрватска и Романија кои учествуваат во делегациите на Европскиот парламент за односи со земјите од Западен Балкан.

Би можело да ве интересира

Уништени 50 килограми небезбедна храна во Крива Паланка

Регистриран нов случај на птичји грип кај угината гуска во скопско Злокуќани

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

Во бомбици послужени во „Ѓорѓија Пулевски“ пронајдени бактерии

АХВ: Водата во Струмица не е за пиење, има манган и колиформни бактерии

Горан Наумовски

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски