Зголемен е интересот за запишување првачиња во основното општинско училиште „Гоце Делчев” од Неготино. Директорот Петар Мантев информираше дека за разлика од претходната учебна година, а врз основа на анализите направени од страна на стручните служби во училиштето, годинава очекуваат бројот на запишани првачиња да биде за најмалку 30 ученици повеќе.
– Лани во прво одделение се запишаа 81 ученик, а оваа година се очекува бројот на запишани првачиња да се движи од 120 до 130. Тие, согласно програмата за работа на училиштето, ќе бидат распоредени во три паралелки во централното, а по една паралелка во подрачните училишта во селата Долни Дисан, Тимјаник и Тремник, појасни директорот.
Тој соопшти дека со цел запознавање на идните првачиња со условите за настава, во соработка со градинката „Фемо Кулаков” беше организиран прием на околу 60 потенцијални идни првачиња, кои имаа можност да го разгледаат училиштето, да се запознаат со идните наставници и условите за одвивање на наставата. Учениците од прво и од трето одделение за нив подготвија и изведоа пригодна програма во знак на добредојде во училиштето.
Запишувањето на првачињата започна на први мај и ќе трае до крајот на месецот.