Во организација на Регионалната стопнаска комора – Штип денеска Фондот за иновации ги презентираше четирите мерки од веќе објавениот оглас за добивање средства за иновативни проекти и кои ќе покажат економски развој.
Над 250 микро, мали и средни претпријатија, меѓу кои и текстилни и кожарски компании, досега пројавиле интерес за аплицирање за средства од Фондот за иновации и технолошки развој, во рамки на третиот столб од планот на Владата за економски раст и развој.
Мирјана Георгиевска од Фондот за иновации и технолошки развој вели дека на фирмите на располагање им се вкупно 185 милиони денари, наменети за кофинансирање предлог проекти, кои содржат иновативни компоненти и осовременување на производствениот процес.
– За првиот инструмент, кој што е наменет за микро и мали претпријатија кофинансирањето е во износ од 30 проценти и максимален износ по предлог проект до 10 милиони денари, рече Георгиевска.
Вториот инструмент е наменет за микро претпријатија, за предлог проекти до пет милиони денари и кофинасирање до 30 проценти.
– Кај третиот инструмент од страна на Фондот кофинансирањето е максимално до 70 проценти за предлог проект до 20 милиони денари, додаде Георгиевска.
Со средства во висина до еден милион денари ќе се поддржат проектите за обука и стручно усовршување на млади лица.