НУ Центар за култура-Битола од денеска до сабота ќе биде домаќин на две јавни дискусии и работилница под наслов „Сеќавање на еден град“ и „Сенчење на градот, урбана меморија, хипертекст“ на кои ќе учествуваат истакнати уметници од Македонија и Хрватска.
На првата јавна дискусија што ќе се одржи вечер главна тема се Битола, Вагнер и Лист, а ќе учествуваат Борис Бакал, директор и основач на меѓународната креативна платформа „Фрлачи на сенки“ од Загреб, Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО-фестивал за современа уметност, Центар за современа јавна уметност „Елементи“ на Биљана Петровска Исијанин и Љупчо Спировски Исијанин, битолскиот хроничар Александар Стерјовски и Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура – Битола.
– Работилницата ќе биде под водство на Борис Бакал, исклучителна личност, кој за својата работа е наградуван на „Битеф“-Белград и на „Месс“ во Сараево. Бакал ќе овозможи да се разменат високорелевантни искуства, а во тоа ќе помогнат и неговите соработници Петра Тежак, Барбара Бласин, Маре Шуљак од Загреб, изјави за МИА, Борче Димитровски, директор на Центарот за култура-Битола.
Дебатата и јавната дискусија насловена „Сеќавање на еден град: Битола, Вагнер и Лист“ има за цел да ги расчепка градските митови и нивниот однос кон актуелната градска култура и да иницира прашања за современото доживување на градот со посебен акцент на уметнички практики, кои се однесуваат на теми за градот и на урбаната култура и развој, информираат организаторите на претстојниот меѓународен настан во Битола.
– Со оваа активност Центарот за култура-Битола уште повеќе ќе ја зајакне својата меѓународна активност и соработка со значајни фактори што негуваат различни форми на културно изразување. Оваа можност е вистинска прилика и за промоција на идејата за создавање хибридни институции, модел што подолго време го истражуваме и кој овозможува соработка меѓу јавниот и независниот сектор во Република Македонија, истакна Димитровски.
Освен гостите од Хрватска, во Битола ќе присуствуваат и со свои излагања ќе се претстават и Јованка Попова, независен куратор, која ќе го презентира проектот „Скопје: Врвна колекција на лични сеќавања 1960-2010 вол.1“, уметникот Јане Чаловски, писателот Владимир Јанковски и уметникот Ѓорѓе Јовановиќ кој ќе го претстави проектот „На Битола со љубов“.