Авионското прскање против комарци годинава во општина Виница ќе се реализира на вкупна површина од 1.200 хектари, што е за 20 отсто повеќе од лани.
Се планира акцијата за дезинсекција да се спроведе во три дела, при што првиот третман ќе биде кон крајот на овој месец, вториот во јуни, а третиот во август.
– Освен во населените места, со авионското прскање ќе биде опфатено и земјоделско земјиште, првенствено ниви засеани со ориз. Предвидено е за целата кампања од општинскиот буџет да се потрошат околу 600 илјади денари, што е на исто ниво како и минатата година. По завршувањето на тендерската постапка, деновиве ќе го избереме операторот со кого ќе склучиме договор и веднаш ќе ја реализираме дезинсекцијата, истакна Ивица Димитров, градоначалник на општина Виница.
За авионското прскање, како и во изминатите години, ќе се користи широкопојасен инсектицид за третирање комарци, чиј хемиски состав нема штетно влијание врз луѓето и топлокрвните животински водови. Препаратот е одобрен од Бирото за лекови на Република Македонија.