Српскиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека руската Влада одлучила да и додели 22 милиони долари на Србија за деминирање на нејзината територија.
Проектот ќе биде реализиран во следните две години во рамки на работењето на Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш. Целта на проектот е да се исчистат од мини териториите, кои се во интерес за заедничките економски проекти, истакна Дачиќ.
Станува збор за маршрутата по која ќе минува гасоводот „Јужен поток“ преку територијата на Србија, јави Танјуг.
Премиерот истакна дека овој проект е продолжение на мошне успешната соработка на руското Министерство за вонредни ситуации со српското Министерство за внатрешни работи.
Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш, наменет за брзо реагирање во случај на пожари, поплави и земјотреси почна со работа на 25 април минатата година.