Принцот Хари има психички проблем, соопштија денеска талибанските бунтовници, по изјавата на британскиот принц во која тој прави паралела меѓу неговото гаѓање од хеликоптерот во Авганистан и видеоигрите, пренесоа француските медиуми.
Цели 49 земји со своите моќни оружја не успеваат да ги уништат муџахедините, а сега доаѓа принцот и војната ја споредува со своите видеоигри, со својот Плејстејшн и како таму ги нарекува, иронично изјави талибанскиот портпарол Забиула Муџахид.
Британското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека принцот Хари го напуштил Авганистан по завршувањето на неговата 20-неделна воена служба во оваа земја.
Британската агенција Прес асошиејшн (ПА), која разговарала со него за време на неговата служба, интервјуто со него го чувала до сега од безбедносни причини. Вчера, меѓутоа, таа ја објави неговата изјава.
Запрашан за неговата улога на пилот на хеликоптер „Апачи“, принцот изјави дека „се радувал“ бидејќи е дел од луѓето кои обожуваат да играат на Плејстејшн и Ексбокс и со задоволство си мислел дека можеби бил корисен со прстите, дополнувајќи дека убивал од пилотската кабина.
-За нас и за нашиот народ тоа е вистинска, историска војна, војна на отпорот, рече Муџахид.
-Овие коментари не ги примаме особено сериозно, бидејќи сме гледале и слушале дека при своето враќање од Авганистан многу странски војници, окупатори, развиваат психички проблеми, додаде талибанскиот портпарол.