Британското Министерство за одбрана денеска потврди за кастрењето на 5.300 работни места во вооружените сили на земјата, пренесе БТА.
Мерката нема да го зафати контингентот од 9.000 војници, разместени во Авганистан.
Работните места ќе бидат скастрени до јуни. До 2020 година армијата треба да се намали од 102.000 лица до 82.000 лица. За сметка на тоа бројот на резервисти треба двојно да се зголеми или до 30.000 мажи и жени.
Редуцирањето на работните места се случува во рамки на планот за кастрења на средствата за британските вооружени сили, одобрен во 2010 година. Тоа е третиот бран на кастрења на работни места во армијата. Овој пат, меѓутоа, таа нема да ги зафати копнените сили.
Во 2011 и 2012 година од копнените и военопоморските сили беа ослободени околу 6.620 лица. Во повеќето случаи стануваше збор за доброволно напуштање на воениот персонал.
Се предвидува и четврти бран на кастрење, што најверојатно ќе ги зафати воените медицинари, посочи Министерството за одбрана.
Веста за новите кастрења доаѓа само еден ден откако британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека е решен да се бори со тероризмот во северна Африка.