Бројот на невработени во светот минатата година е зголемен за четири милиони – на 197 милиони, а за оваа година се предвидува зголемување за уште 5,1 милиони невработени, објави денеска Светската организација на труд.
Со тоа цената од финансиската криза која почна пред пет години, официјално би била и дополнителни 28 милиони невработени во однос на 2007 година.
Во 2012 година бројот на невработени се приближи до највисокиот рекорд од 2009 година од 199 милиони луѓе.
Сега се предвидува тој рекорд да се надмине во 2013 година на преку 202 милиони луѓе без работа во светот. За 2014 година се предвидуваат нови три милиони невработени. До 2017 година бројот на невработени во светот би можел да достигне 210,6 милиони, доколку глобалната стапка на невработеност остане непроменета – шест отсто.
Влијанието на економската криза на глобалниот пазар на труд во многу случаи е влошено со неускладеност меѓу монетарната и фискалната политика како и решавање на проблемот “дел по дел“, особено во еврозоната, се вели во извештајот на Организацијата.
Младите луѓе се особено тешко погодени со ширење на трендот на невработеност, предупредуваат од Организацијата истакнувајќи дека моментно без работа се 73,8 милиони млади луѓе на возраст од 16 до 24 години.