Започнаа работите за изградба на водоводна, фекална и атмосферска канализација во Урбаната зона 8, блок 1 во Неготино. Вредноста на проектот, што се спроведува преку Министерството за транспорт и врски, е 14.000.000 денари, обезбедени од Европската инвестициска банка.
– Се гради комунална инфраструктура и тоа АБ канал, краци на улиците 3 и 4, а се поставува и водоводна, фекална и атмосферска мрежа во рамките на проектот „Линиска инфраструктура за изградба на комунална инфраструктура во општина Неготино“, информира денеска портпаролот на општина Неготино Методи Митрев.
Согласно проектот, ќе биде изграден канал во должина од 330 метри, фекална мрежа со опфат на краци во должина од 808 метри, атмосферска канализација од 372 метри и водовод за улиците 3 и 4 со опфат на краци во должина од 809 метри.
Од локалната самоуправа изразуваат оптимизам дека целиот проект ќе биде навремено завршен, со што ќе се создадат услови за непречено функционирање на постоечките стопански капацитети, но и ќе се стимулираат потенцијални инвеститори на овој урбанизиран простор, да изградат нови капацитети.