Општина Виница почна градежни активности со кои ќе се поплочат тротоари со површина од околу три илјади метри квадратни во градот и уште 2,4 илјади метри квадратни во населените места.
Веќе е завршено хортикултурното уредување и поставувањето бехатон плочки покрај православниот храм „Св. Лука“, на улицата „Даме Груев“, а во тек се подготвителните работи на улицата „Крушевска“.
– Ќе се поплочуваат неколку крака на десетина улици во центарот на градот, како и тротоарот на излезот од Виница кон Берово, а планирани се и тротоарски површини во неколку селски населби. Вкупната вредност на инвестицијата е 3,5 милиони денари, пари што се обезбедени од општинскиот буџет, рече градоначалникот на општина Виница, Ивица Димитров.
Со поплочувањето на тротоарите ќе се санираат и оштетувањата што настанаа со реализацијата на втората фаза од реконструкцијата на водоводната линија, кај која веќе се врши приклучување на домаќинствата.
Се планира реконструкцијата на тротоарите да заврши до крајот на мај.