Многу напредни економии во иднина би можеле да бидат погодени од уште еден долгорочен фискален шок, доколку не се справат со проблемот на забрзано стареење на популацијата, предупреди денеска американската бонитетна агенција „Фич“.
– Додека успешното решавање на тековните фискални кризи и натаму останува придвижувач за рејтингот на напредните економии, без дополнително реформи, кои ќе се позанимаваат со влијанието на забрзаното стареење, овие економии би можеле да се соочат со уште еден долгорочен фискален шок, се наведува во соопштението на „Фич“.
Неколку земји се соочени со непосредни закани, а реформите, кои ги спроведуваат презадолжените членки на еврозоната како Грција, Италија и Португалија „ефикасно го неутрализираа долгорочното влијание на стареењето врз јавните финансии на овие држави“, се вели во соопштението.
Според „Фич“ некои земји како Кипар, Ирска и Јапонија во следната деценија би морале да се соочат со ненадејниот раст на трошоците поради стареењето на популацијата, што би влијаело и на суверениот кредитен рејтинг на овие држави.
– Луксембург, Белгија, Малта и Словенија би можеле да се соочат со најсериозни ризици, нагласува агенцијата.