Британската фунта ризикува да го загуби својот сегашен безбеден статус кај меѓународните инвеститори и финансиери, поради дилемите што постојано растат околу иднината на Велика Бритаија во ЕУ, предупредуваат експерти во лондоскиот финансиски центар Сити.
Фунтата ја загуби својата вредност во однос на еврото за три и кон американскиот долар за два отсто, на самиот почеток од оваа година, откако ја заврши 2012 година, како една од најстабилните валути во светот.
Заканата за фунатата се јавува во време кога премиерот Дејвид Камерон продолжува да се наоѓа под силен притисок на евроскептиците во неговата Конзервативна партија и на десно ориентираните триевски пратеници во британскиот Парламент, кои од него бараат да изнуди од Брисел отстапки за нови преговори со Брисел. Ваквото барање се засили откако земјите членки на зоната на еврото се повеќе се интегрираат кон една поцврста политичка унија.
Експерти на швајцарската банка УБС, една од трите најголеми банки за трговија со валутите во светот предупредуваат дека продолжувањето на кризата во британско-европските односи, ќе ја погоди фунтата.
– Две години трговците со пари стравуваа од можноста за распад на Европската монетарна унија, но сега стравуваат од она што ќе го направи Владата во Лондон, во нејзините односи со ЕУ, изјави за „Дејли телеграф“, Шахаб Џалинус, аналитичар на УСБ.
Според неговото објаснување, за берзанските експерти сега е неизвесно дали Велика Британија, по 40 години членство, ќе остане и натаму во ЕУ.