Христијан Делев именуван за заменик-министер за економија

Од:

Во Собранието на Република Македонија на денешната седница Христијан Делев беше именуван за заменик-министер за економија, на местото на Катерина Веловска, која поднесе оставка на функцијата.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски информира дека 52. седница ќе продолжи за еден час.

Предлогот за именување на  Делев за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија го образложи претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски кој укажа дека Веловска, која поднесе оставка, била посветена, целосно ангажирана и успешна во нејзиното работење, но заради лични и приватни причини морала да поднесе оставка на функцијата. Новиот кандидат за заменик министер за економија е Христијан Делев, рече премиерот Груевски и подвлече дека тој во минатото извршувал и други функции. Се образувал додипломски во САД, а постдипломските студии ги завршил на Универзитетот Шефилд во Солун.

– Во моментот Делев ја извршува функцијата заменик директор на Агенцијата за привлекување странски инвестиции. Претходно има работено како консултант претежно во областа на економијата, здравството, земјоделството. Работел и како заменик-министер за земјоделство, државен секретар во МЗШВ, директор на Агроберза. Во приватниот сектор работел главно како консултант за  економски прашања. Делев и во минатото успешно ги извршуваше сите овие задачи и одговорности и тргнувајќи од искуството во работењето со него, како економист и лице кое веќе извршувало одговорни функции, како и за неговото образование,  ценам дека успешно ќе ја извршува и функцијата заменик-министер за економија, рече премиерот Груевски.

Пратеничката група на ДПА се изјасни против изборот на Делев на местото заменик-министер за економија. Побарааа и замена на министри и заменици-министри кои доаѓаат од редовите на ДУИ.

На седницата претходно се гласаше и за оправданоста предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за ученички стандард,  на Законот за јавните службеници, на Законот за социјална заштита, на Законот за пензиското и инвалидското осигурување да бидат донесени во скратена постапка.

Во рамки на 52. седница  се гласаше и за оправданоста за донесување по скратена постапка на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, како и на Предлог-законот  за дополнување на Законот за внатрешна пловидба.

На седницата беше усвоен и предлогот на пратениците Илија Китаноски и Александар Николоски по скратена постапка да биде донесен и Предлог-законот за дополнување на Законот на Владата на Република Македонија.

Во образложението, пратеникот Николовски посочи оти со досегашниот Закон за Владата на Република Македонија се уредени правата и должностите на претседателот и членовите на Владата, но не се уредува прашањето кое се однесува на личното обезбедување на премиерот по завршувањето на неговата функција. Тој информира дека Предлог-законот е многу едноставен и се состои од три члена.

– Една основните причини е зајакнување на борбата против корупцијата, имајќи предвид дека тоа е еден од основните приоритети на оваа Влада, а се надевам и на владите кои ќе доаѓаат. Тоа е долготрајна битка и оние кои се засегнати некогаш се обидуваат ударот да го возвратат откако ќе заврши мандатот на Владата или на претседателот на Владата. Предлагаме за ист временски период во кој претседателот на Владата ја вршел таа функција, да има лично обезбедување, појасни Николовски.

не беше изгласано барањето на пратеникот од ДПА Зијадин Села да се тргнат од дневниот ред предлог-законите за дополнување на Законот на Владата на Република Македонија и за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Буџетот за 2025 година усвоен на владина седница