Општина Кисела Вода преку соопштение апелира за преземање на превентивни мерки и зголемена будност и мобилност од страна на сите граѓани и субјекти на територијата на општината за заштита од пожари.
Апелот на општината е поради најавените високи температури кои ќе следуваат во наредниот период и по известувањето од Дирекцијата за заштита и спасување за зголемената опасност од настанување на пожари на отворен простор.
Се препорачува да не се пали оган на отворен простор и на небезбедни места, да не се палат стрништа, меѓи и други површини, да не се фрлаат стаклени и пластични шишиња, да не се врши палење на отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат отпадоци од цигари.
Исто така, од општината апелираат до сопствениците на неизградено градежно земјиште, а е со видливо нарасната тревна вегетација, да го уредат, да ги искосат нараснатите тревни површини, се со цел да се спречат несакани последици од пожари кои претставуваат потенцијална опасност за околината. Информираат дека ќе продолжат со тековните активности за одржување на тревните површини во сите месни и урбани заедници кои се во нејзина законска надлежност.