Министерството за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги потсетуваат земјоделските стопанства дека рокот за поднесување на барања за субвенции за мерките по обработлива земјоделска површина и по грло добиток за 2018 година ќе трае до 15-ти мај.
Барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Доколку барателите имаат потреба за помош при создавање на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најдоцна до 30 април 2018 година.
На веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk се објавени упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде што ќе може да се поставуваат прашања во врска со поднесување на барањата.
Во овој период треба да се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, живина и за заклани животни во кланици.
Барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели со состојба на 15 март 2018 година.
Барањата за мерките од сточарското производство за говеда, овци, кози и пчели се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето. Затоа ги потсетуваме одгледувачите пред поднесување на барањето задолжително да ја проверат и по потреба ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.
Земјоделците во програмата за 2018 година на располагање им се 6 милијарди и 210 милиони денари кои се наменети за директни плаќања. Запазувањето на рокот за аплицирање е важно за да може навреме да се обработат барањата и навреме да исплатат субвенциите.
Од 2018 година се воведуваат нови мерки за директни плаќања. Дел од нив, се повисоки субвенции и нов модел на субвенционирање во три нивоа за тутунот, 20 отсто повисоки субвенции за растителното производство, односно градинарство, овоштарство, лозарство за земјоделците со потенцијал за развој, директните плаќања во сточарството нудат 10% повисоки суми за истата целна група, 30% повисока поддршка за промена на типот на производство и тоа промена од житни култури во градинарски култури, овошни култури и лозови насади, за вкупни површини помали од 5 хектара, 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади заради промена на сортна структура и други.
Во Програмата е предвидена и ставка за исплата на обештетувањата од временските непогоди што се случија во 2016 и
во 2017 година.
Целта на промените воведени во Програмата за директни плаќања е да се овозможат поволни услови за развој на земјоделството, преку зголемување на производството и содзавање на конкурентни земјоделски производи, со посебен фокус на земјоделците кои што имаат потенцијал за зголемување на производството.