Конгресменот Ден Мафеи од Демократската партија е новиот член на групата пријатели на Македонија во Конгресот на САД. Тој е првиот конгресмен што и се приклучува на групата во 2013 година, соопшти Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Конгресменот Мафеи ја преставува дваесет и четвртата изборна единица на државата Њујорк. Прв пат беше избран за Конгресмен во 2008 година, а втор пат на изборите во 2012 година. Тој е член конгресната Комисија за одбрана и на Комисијата за наука, технологии и вселената.
– Конгресменот Мафеи е дологогодишен пријател на македонската заедница во Сирикуз и ширум САД. Среќни сме што тој се врати во Конгресот, и ние со нетрпение очекуваме да работиме со него во иднина, вели претседателот на ОМД Методија Колоски.
Конгресменот Мафеи силно се залага за членство на Македонија во НАТО, и заедно со неговите колеги во 2009 и 2010 година го повикаа претседателот Барак Обама и државната секретарка Хилари Клинтон да се заложат за прием на Македонија во Алијансата.
Државата Њујорк е дом на околу 70.000 Американци од македонско потекло, од кои голем дел живеат во областа на градот Сиракуз и северниот дел на Њујорк. Македонската православна црква Св. Ѓорѓи во Сиракуз е основана во 1960 година и денес преставува центар на тамошната македонска заедница.
Конгресната пријателска група за Македонија служи како тело за одржување, но и зајакнување на американско-македонските врски.
ОМД апелира до сите Американци со македонско потекло да ги контактираат своите претставници во Конгресот и да ги замолат да се придружат на Конгресната група за Македонија.