Повеќе од 500 ученици од основните и средните училишта и од Здружението на пензионерите учествуваа на Пролетниот крос во Кочани што го организираа Сојузот за училишни спортови и локалната самоуправа.
Спортската манифестација се одржа по осми пат, а учесниците трчаа на патеки со различна должина, приспособени на нивната возраст.
– Наша цел е да влијаеме за подобрување на спортскиот дух кај населението, а како придобивка е здравиот начин на живеење, без оглед што тоа се прави на рекреативна основа. Потврда за успешноста на Пролетниот крос е масовноста и интересот кај најмладите, но и меѓу повозрасните наши сограѓани, истакна Зоран Андонов, претстедател на Сојузот на училишни спортови од Кочани.
Во рамките на училишните спортски активности, на Пролетниот крос му претходеа подготовки со кои наставниците по физичко и здравствено образование ги селектираа учениците со најдобра кондиција за учество на оваа манифестација.
Пролетниот крос се одржа на стадионот „Никола Мантов“, а на најуспешните учесници им беа доделени дипломи и медали.