Во Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово, вечерва со почеток во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Фемиграции“ – уметност за правата на бегалците, во организација на Македонското здружение на млади правници од Скопје и УСАИД.
Изложбата опфаќа 21 ликовно дело и видео-арт презентации, изработени од жени уметнички за жените бегалки, го разоткрива големит наратив на бегалските кризи, за жената бегалка која мигрира на друго место во потрага по услови за подобар живот.
– Продукцијата нуди еден интересен, ликовно – концептуален аспект, организиран во 21 кутија (објект), кој говори како секоја од авторките различно, на свој начин, го третира феноменот за човековите права, за правата на бегалците, во прв ред правата на жените бегалки, изјави Драгана Спасковска, кустос историчар на уметноста при Музеј – Куманово.
На изложбата ќе бидат презентирани дела од Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Елизабета Аврамовска, Маргарита Киселичка, Јана Манева Чупоска, Кристина Божурска, Шќипе Мехмети, Гордана Вренцоска, Марија Ветероска, Зорица Зафировска, Ана Ивановска, Ана Лазаревска, Христина Зафировска, Агнеса Чаволи, Весна Аранѓеловиќ, Наташа Кубуровска, Лулзиме Османи, Ана Миланова, Ирина Ацеска, Михаела Јовановска, Ангела Наневска кои различно, индивидуално со јасен и интересен ликовен јазик го прикажуваат проблемот на женската миграција.
Изложбата претходно беше отворена во Галерија „Акантус “ во Скопје.Во Куманово ќе биде поставена до 27 април 2018 година.