Изложба на принтови од Ерос Иштван, ликовен уметник од Унгарија, вечер во 20 часот ќе биде отворена во Изложбениот салон Империјал 2 во Културно-информативниот Центар – Скопје.
Иштван работи во разни жанрови, кои варираат од отпечатоци, преку инсталации, се до скулптури. Во последните петнаесет години е главно посветен на создавање на телесна уметност, перформанси и уметност на природни материјали.
Кон изложбата во Скопје е подготвен илустриран каталог кој ги воведува посетителите, преку опусот на неговите уметнички творби и перформанси, во еден специфичен аспект на уметноста на природни материјали. Во изложените дела, уметникот го користи своето тело како површина за уметничкиот израз, ставајќи го во различни културни контексти.
– Уметноста на природни материјали е возбудливо и сеопфатно поле на визуелните уметности, кое на уметниците кои веќе сакаат да го напуштат системот на галерии, им нуди можности за пристап кон уметничкото изразување кое, поради растечките еколошки и социјални проблеми, станува се порелевантно и повеќе социјално ангажирано, се наведува за овој вид уметност.
Ерос Иштван работи на Универзитетот „Естерхази Кароли“ во Егер, како професор и директор на Институтот за визуелни уметности и е шеф на Катедрата за сликарство. Дипломирал на унгарскиот Универзитет за сликарство во 1995 година на отпечатоци, но има студирано и на Академијата за сликарство во Виена, Кралската академија на уметностите (Хаг) и на Универзитетот за сликарство во Марсеј.
Докторирал 2009 година на тема уметност на природни материјали. Реализирал бројни професионални патувања во далечни земји како Африка и особено Азија каде четириесет и еден пат бил гостин уметник, поставувал изложби, држел предавања или настапувал како куратор на разни ликовни кампови и симпозиуми.
Иштван учествува и организира низа изложби преку меѓународна размена, наречени SZEGMENT (Сегмент), од што досега произлегле по девет настани одржани во Унгарија и во повеќе азиски земји.
Изложбата ќе биде отворена до 30 април.