Валентина Лисица од Украина/САД, една од најпознатите пијанистки на класичната музика денес, ќе биде солист на вечерашниот концерт на Македонската филхармонија и ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов.
Концертот, насловен „Атрактивната Лисица“, ќе го води диригентот Габриел Бебешелеа од Романија, шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока.
– Славната пијанистка Валентина Лисица ја опишуваат како првата Јутјуб-ѕвезда на класичната музика и првиот класичен уметник кој својот успех на интернет го претвори во глобална концертна кариера низ Европа, САД, Јужна Америка и Азија, соопшти Филхармонијата.
На програмата на вечерашниот концерт е и свитата „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски.