Во чест на прерано починатиот кавадаречки и македонски ликовен уметник Ристо Соколов-Сокол, синоќа во Домот на културата “Иван Мазов-Климе” се одржа третото издание на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо”. Присутните имаа можност да погледнат дел од неговите дела, а преку видео и фото презентација, се запознаа и со неговите живот и уметност.
Директорот на оваа културна установа, актерот Александар Малинков потсети меѓу другото и на изложбата на Сокол, ‘Траги’, која според сите мерила, е најпосетената ликовна изложба во институцијата. А трагите стојат на овој простор од 2009 година.
Марјан Тодоровски, вработен во Домот и дел од неформалната група уметници „Сокол арт“, се осврна на судбината на Соколов, да се роди и умре на два значајни празника, на Велигден и Свети Трифун.
Настанот кој ја има поддршката од Министерството за култура, е во организација на Здружението за алтернативна култура “Алтер центар” од Кавадарци, на кое еден од основачите беше и Соколов. Во организација на настанот се вклучени и членовите на неформалната група уметници „Сокол арт”, кои денес функционираат како дел од Здружението.
Во галеријата на културниот дом беа изложени и уметнички фотографии од Билјана Соколова Тодоровска. За музичкиот дел беа задолжени трубадурите од „Трио гранде” и рок музичарите Ристе Димитров и Орце Павлов.