Во Кривичниот суд вчера беа одржани продолженијата на две судења, за случајот „Поткуп, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев и за случајот за обидот за убиството на пратеникот Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
На вчерашното двочасовно рочиште за „Поткуп“ без присуство на јавноста беа преслушани сите разговори обезбедени со ПИ мерки и беа прочитани и СМС пораките.
По завршувањето на рочиштето Заев рече дека ниту во разговорите ниту пак во СМС пораките немало договарање на поткуп.
– Апсолутно нема ништо што е поврзано со обидите за да бидам осомничен како лице кое земало поткуп или правело напори да земе поткуп. Во сите овие разговори зборуваме со службеници од општина Струмица, како и со Иван Николов за да се забрзаат постапките, како течат постапките со сите процедури и конечната цел е да се заврши работата која што странката ја има пред општината, истакна Заев.
Прецизно во сите постапки и во сите телефонски разговори, како што рече, станува збор само за завршување на предметите.
– Доказ е дека одредени предмети веќе се завршени и во тој период никој не побарал ниту пари, ниту било што и тоа само по себе потврдува дека се работи за монтиран процес, истакна Заев
Следното рочиште за случајот „Поткуп“ е закажано за 30 април. Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Сачевалиев побарал поткуп од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.
Вчерашното судско рочиште за нападот врз Села на кое се сослушуваа сведоци заврши со сведочењето на Игор Јанакиев како сведок на обвинителството. Главната расправа за овој случај ќе продолжи на 18 април.
На сведочењето, Јанакиев рече дека се обидел да го заштити Села од толпата народ. Истакна дека како вработен за обезбедување во МВР, на 27 април бил пред прес-центарот во Собранието и оти заедно со колегите се обиделе да ја спречат топлата да влезе внатре, но оти нивните обиди биле безуспешни.
Пред Јанакиев, сведочеа и пратеникот Мухамед Зеќири и полицаецот Абдулфетах Аљими.
Зеќири во својство на сведок го препозна обвинетиот Александар Јаневски-Тошта. На сослушувањето, Зеќири посочи дека Села бил удрен со тврд предмет, но оти не можел да види кој го фрлил. Според Зеќири, обвинетиот Јаневски, кој тој ден носел црн елек и очила, го повлекол Села за рака и го изнел надвор од прес-салата.
За време на сослушувањето, Зеќири рече дека кога толпата влегла во прес-центарот во Собранието, тој бил во една од кабините за превод во галеријата и оти откако Села го изнеле од прес-салата, веќе не го видел.
Тој го посочи и обвинетиот Сашо Сенков, за кого рече дека откако првиот го фатил за рака, му се доближил заедно со други лица со цел да го изнесат надвор од прес-центарот.
Зеќири рече и дека од кабината каде бил, слушнал како толпата го бара и него.
Аљими, како сведок на обвинителството препозна двајца од обвинетите – Александар Јаневски – Тошта и Кире Георгиевски.
Во овој случај обвинети се Кире и Цеко Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.