Прилеп денеска е домаќин на државното изборно првенство во борење за млади до 20 години. За престижните титули се натпреваруваа 60 учесници од цела Македонија. Организатор на изборното првенство е прилепскиот боречкиот клуб „7 Мај- Леов“. Првенството го отвори градоначалникот Илија Јованоски, истакнувајќи ја поддршката на Прилеп за активниот спорт.
– Се натпреваруваат 60-тина млади борачи од 15 клубови во државава. Победниците ќе бидат членови на државната репрезентација во борење и ќе не претставуваат на европското и светското првенство. Општина Прилеп и јас како градоначалник секогаш сме за поддршка на спортот, рече Јованоски.
Според Марјан Лазаров, претседател на судиската комисија борењето како спорт напредува и дава видливи резултати.
– Борењето како спорт напредува со големи чекори. Имаме квалитетни млади борачи во кои треба да вложуваме, а со тоа, паралелно, треба да вложуваме и во соодветен кадар, рече Лазаров.
Членовите на боречкиот клуб „7 Мај – Леов“ од Прилеп се горди што повторно ја добиваат довербата од Федерацијата на боречките спортови на Македонија да бидат домаќини и технички организатори на овој настан.