Светската ракометна федерација не дозволи одложување на денешниот дуел од СП на кој Македонија треба да игра против Германија, а како образложение во одговорот кон барањето на РФМ, се наведени непостоењето на таква регулатива и договорот за телевизискиот пренос.
РФМ вчеравечер веднаш по пристигнувањето во Барселона, побара денешниот натпревар Македонија – Германија кој треба да се игра со почеток од 15 часот и 45 минути да биде одложен поради малтретирањето со превозот од Севиља кој траеше речиси во текот на целиот вчерашен ден и неможноста да се одржи квалитетен тренинг во пресрет на осминафиналето на Светското првенство.
Причина за десетчасовното малтретирање на македонските ракометари беше вчерашното невреме во Шпанија кое предизвика прекин на транспортните комуникации на брзата желeзница.
Според најавите од нашата делегација ќе следува официјален протест до ИХФ и до организаторот.
Освен натпреварот Германија – Македонија (15:45 часот) денеска во осминафиналната фаза на Мундијалот ќе играат и: Бразил – Русија (17:30), Данска – Тунис (20:15) и Исланд – Франција (20:15).