Поголема поддршка за овчарството, донесување закон за редуцирана примена на пестициди, децентрализирање на распределбата на земјоделското земјиште од 1 јануари 2019 година и изготвување стратегија за осигурување на земјоделското производство, се четирите одлуки што ги донесе денеска Агросоветот на својата прва, конститутивна седница.
По седницата, премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство Љупчо Николовски соопштија дека првпат ќе биде распишан јавен повик за доделување земјоделско земјиште на кој предимство ќе имаат сточарите кои кубурат со површини за производство на добиточна храна.
– Последниве години, и покрај одвојувањето огромни суми за земјоделството, останаа неколку сточарски гранки на кои треба дополнително да им се посветиме. Најголемо внимание треба да насочиме кон млекопроизводството и овчарството од кои егзистираат голем број семејства, истакна премиерот Зоран Заев кој е претседавач со Агросоветот.
Според претседателот на Здружението на одгледувачи на овци Меџит Алити, Македонија во СФРЈ од овчарството остварувала 50 милиони евра девизен прилив, а сега состојбата е сведена на само 30.000 – 400.000 овци.
– Едно семејство со 150 овци може да живее добар живот, а и младите нема да си одат, ќе останат во село. Но, државата мора да помогне. Лани цената на јагнето беше 90 денари, сега е 140 до 160 што е евидентно подобрување поради зголемената поддршка, истакна Алити.
Министерот Николовски потенцира дека најпрво ќе се средува состојбата со земјиштето зашто е утврдено дека 15.000 хектари или не се дадени под концесија или се узурпирани, а потоа ќе се преземат и сите останати развојни мерки.
Во однос на децентрализацијата, објасни, предвидено е општините да предлагаат слободни површини за давање под закуп и да ги ставаат во владение со што би се отворила можност барањата за субвенции да се поднесуваат кај нив, наместо во подрачните единици на Министерството. Тоа практично би значело дека земјоделците од Липково, наместо во подрачната единица во Општина Куманово, ќе можат да ги поднесуваат барањата за субвенции во Липково. Со тоа, рече Николовски, услугите на Министерството ќе се доближат до земјоделците.
Одговорајќи на новинарски прашања, премиерот Заев рече дека субвенциите мора да се даваат на време за со нив да не се плаќаат сметки за струја, туку да се купат репроматеријали и да се поодготви следната производна сезона.
– Да се осигура профитабилност во земјоделството преку ефективни политики кои ќе продуцираат поголем обем на производство. Тоа е нашата цел, нагласи Заев.