Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оствари средба со граѓаните и членовите на Месниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Стајковци.
Мицкоски пред присутните рече дека нема барем едно ветување кое го ветуваа во предизборието, а да биде реализирано, односно имаме само лаги и гол популизам од страна на власта. Тој додаде дека нема друг пример каде премиерот е фатен како бара мито.
– Зоран Заев како градоначалник на Струмица бара поткуп од едно друго лице каде што јасно и гласно пред целата македонска јавност признава дека зема поткуп, ама сега вика дека тоа го зема зошто е наведен тоа да го направи. Едно евро за партијата, едно за негп и едно за црквата. Тоа е формулата на Заев, нема друг таков пример, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека затоа што од владата не можат да го наполнат буџетот прво се решија да ги зголемат акцизите и бидејќи тоа не им помогна се решија да го зголемат персоналниот данок од 10% на 18% и токму затоа на Македонија и се случува цунами во економијата Заев, Тевдовски, Анѓушев, а од вчера им се приклучи и Сугаревски кој се пофали со патиштата кои ги работеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, што покажува дека 10 месеци ништо не работеле.
– Кога видоа дека ние ги критикуваме за слабата реализација на капиталните инвестиции вчера направија една трагична прес конференција каде што рекоа дека сега ќе вложат 270 милиони во реконструкција на регионални и локални патишта. А вистината е дека проектите за тие патишта ги направи претходната влада, беа готови уште пред 10 месеци, парите ги обезбеди претходната влада и беа спремени тука уште пред 10 месеци. Ги преспаа овие 10 месеци, истакна Мицкоски.