Во рамки на проектот за локална и регионална конкурентност, кој претставува четиригодишна инвестициска операција финансирана со дотации од Европската унија (ИПА2), општина Гевгелија ќе аплицира со проект за реконтрукција на планинското одморалиште „Смрдлива вода“.
Од општината потврдија дека ваквата одлука произлегла од учеството на општинските претставници на информативната сесија која неодамна се одржа во Дојран по повод објавувањето на вториот повик за доделување подгрантови за поддршка и развој на туризмот.
Развојната цел на проектот за локална и регионална конкурентност е подобрување на придонесот од туризмот во локалниот економски развој, како и подобрување на капацитетот на Владата и јавните субјекти за поттикнување на растот на туризмот и полесно управување со дестинациите.