Дејли Сабах – Истанбул
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган се сретна со високите претставници на ЕУ во бугарскиот град Варна, со кои имаше отворени разговори за актуелните недоразбирања меѓу Анкара и ЕУ и за тоа како да се надминат разликите.
Турција и ЕУ очигледно имаат многу различни ставови и сегашниот процес е насочен кон подобрување на односите и изградба на взаемна доверба во областите во кои некои жешки прашања ја поттикнаа кризата на довербата.
Проблемите меѓу Анкара и ЕУ се дополнително усложнети од тоа што грчки Кипар ја влошува атмосферата меѓу Анкара и Брисел. Тоа се гледа и од здружувањето на грчки Кипар и Грција во напорите да издејствуваат усвојување на декларација на неодамнешната средба на врвот на ЕУ со кое блокот би ја осудил Анкара во врска со спорот со Никозија за правата на нафтените и гасните резерви во источниот Медитеран и за тензиите со Атина во Егејското Море.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц ја повика ЕУ да ги прекине преговорите за полноправно членство со Анкара, токму кога Ердоган се подготвуваше за средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Тоа очигледно беше смислен обид да се саботира средбата во Варна.
Во таква атмосфера на политичко минско поле, претседателот Ердоган и највисоките претставници на ЕУ се сретнаа за да разговараат за неисполнетите ветувања дадени од Унијата и за обвинувањата на Брисел кон Анкара за непочитување на човековите права и слободата на медиумите во Турција.
Анкара ги вложува сите напори постојано да им објаснува на соговорниците во ЕУ дека продолжувањето на вонредната состојба е од клучно значење за справување со хаосот предизвикан од обидот за преврат на 15 јули 2016 година извршен од страна на терористичката организација на Фетулах Ѓулен и за изградба на сигурна и безбедна клима во земјата. Тие очигледно не сфаќаат дека мерките преземени во рамки на одредбите од вонредната состојба се толку умерени што многумина кои се потсетуваат на претходните режими на вонредна и воена состојба во Турција еднострано ги нарекуваат „лесни“.
Не е тајна дека терористичката организација на Фетулах Ѓулен, која е ужас за Анкара, наоѓа засолниште во многу европски земји. Тажно е што европските претставници и лидерите на земјите членки на ЕУ не го пофалија турскиот народ затоа што им се спротистави на тенковите при обидот за преврат и ги ризикуваше своите животи во името на демократијата.
Анкара е разочарана што многу од членките на ЕУ, иако Унијата ја вклучи ПКК на листата на терористички организации, сепак и дозволуваат на групата да дејствува јавно.
Фактот дека многу европски држави се обидоа да ја убедат Анкара да ја прекине воената операција за прочистување на реонот на Африн во северна Сирија од припадниците на Силите за заштита на народот, кои се поврзани со ПКК, предизвика бурни реакции во турското општество. Тоа што Турција откри голем број современи и скапи одбранбени оружја на Силите на заштита на народот во Африн, предизвика длабоки сомнежи во Турција дека тие биле финансирани од некои земји членки на ЕУ и САД.
Сепак големиот успех во Африн ја засили позицијата на Ердоган, кој седна на масата со претставниците на ЕУ. Сега тие го гледаат политичкото и военото влијание на Турција и сфаќаат дека таа може да има многу активна улога. Турција не само што води војна против терористите, туку и прифати три милиони сириски бегалци кои побегнаа од крвавата граѓанска војна во татковината. Турција служи како тампон зона за ЕУ, запирајќи го бранот на сириски бегалци упатени кон Европа. Европејците и должат многу на Турција.
Тие ги признаа жртвите на Турција и се согласија во замена да го укинат визниот режим за патување на турските државјани во Шенген зоната и исто така, да и достават на земјата две транши од по три милијарди евра наменети за бегалците, но исплатија само половина од првата транша од три милијарди.
Во контест на средбата во Варна, ЕУ сега треба да седне и да реши како во иднина ќе ги гради односите со Анкара. Тоа ќе значи дека сите ќе треба да научат да живеат со Ердоган.