Тони Бојковски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека новиот Културен дом во Автокоманда е уште една успешна инвестиција реализирана со поддршка од владата која беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– По принципот на Јавно Приватно Партнерство, Општината добива нов современ културен дом и библиотека кои се во сопственост на општината, и партнерот на француската компанија Фамес кој изгради за себе најсовремено музичко студио за снимање на филмска индустрија. Оваа инвестиција е од околу 1,5 милиони евра и каде ќе бидат ангажирани околу 150 врвни музичари и ова ќе биде место каде што жителите на Општина Гази Баба ќе уживаат во културно забавните манифестации и ќе имаат можност во модерна библиотека да другаруваат со книгите, рече Бојковски.
Тој упати апел до сегашниот градоначалник, до министерот за култура како и до владата да започнат со изградба на вакви капитални проекти како што се граделе во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
– Граѓаните во Општина Гази Баба досега немаат видено ниту еден проект изграден од СДСМ. Ова е уште еден доказ за домаќинското работење на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Општина Гази Баба е единствена општина со два проекти реализирани по принципот на Јавно Приватно Партнерство тоа е културниот дом во Автокоманда и фудбалскиот тренинг камп во Хиподром. Проекти вредни околу 6.5 милиони евра, а се во сопственост на Општина Гази Баба, рече Бојковски.