Проектот за водоснабдување во Неготино е завршен, но не е ставен во функција. Мрежата повеќе од две-три години не е во функција, а приклучок е направен само на една улица. Проектот е направен без приклучок до граѓаните, а изведбата на самиот проект е во многу лоша состојба. Ова го истакна неготинскиот градоначалник Тони Делков кој за овој проект имаше средба со проектантот, изведувачот и Министерството за финансии, при што било утврдено дека на неколку локации е направен пропуст.
– Не ми е јасно зошто толку години не се приклучил системот кога знаеме дека се потрошиле 28 милиони денари кредит и стои нефункционално, граѓаните плаќаат за вода, а не добиваат услуга. А кредитот е земен со една цел, подобри услови за водоснабдувањето. Останатиот дел од кредитот стои и е услов доколку не се пушти овој дел од водоводната линија, немаме право да ги користиме средствата, а договорот што е направен е направен на рати. Значи секоја година февруари и август по 2.805 000 денари. Тука е вклучен износот на целиот кредит и камата и плус затезна камата, заради тоа што секое задоцнување се плаќа. Сега се задоцни три четири дена па моравме да платиме нови 30-40 илјади денари дополнително, што не е малку, соопшти Делков.
Тој додаде дека е разговарано со проектантот да се направи нов анекс на Договор за да се проектираат приклучоци на сите 16 линии, за што има законска можност.
Појаснува дека со тоа ќе се направи една целина и со интервенција на изведувачот ќе се корегираат неколку делови од утврдените проблематични места и со тоа до 2019 година во март или април да се заврши проектот.
Општината, како што рече, по овој кредит може да добие грант од 50 илјади евра, со кој може да се направи дополнителна водоводна линија или да се затвори некаде канализациски или водоводен систем каде што го нема.
Градоначалникот оценува дека средствата се потрошени за подобрување на водоснабдувањето, меѓутоаопштината нема добиено никаков резултат за подобрување на водоснабдувањето.