На Малата сцена во Македонскиот народен театар вечер и утревечер од 19 часот премиерно ќе биде изведена „Голем студ“ – дипломска претстава на студентите од одделот за драмски актери во класата на проф. Зоја Бузалковска и доц. Александар Степанулески на Факултетот за драмски уметности.
Во класата се единаесет студенти: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Чедомир Митевски, Зоран Митровиќ, Душица Настова, Јаков Спасов, Петар Стојанов, Душица Тренева и Христина Цветаноска. Тие ќе настапат во две постави на изведбите на претставата денеска и утре.
„Голем студ“ е работена по сценариото на американскиот филм „The Big Chill“ од 1983 година на Лоренс Каздан и Барбара Бенедек.
МНТ наведува дека оваа претстава ја судира новата генерација драмски актери со голем предизвик и тешка актерска задача – низ реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, да се обиде да раскаже сложена драмска приказна. „Голем студ“ е претстава за реконструкција на надежта и загатнува проблеми на секоја генерација, важни во секое општество во кое се случуваат драматични општествени превирања.
– Повеќе од тоа, дилемите ги надминуваат општествените прашања и задираат во најинтимното човечко, важно секогаш и секаде. Во момент кога животот со сета своја комплексност ќе нѐ натера да се прашаме до каде сме останале доследни на своите борби заложби, верувања и големи планови, а каде сме се изневериле себеси и своите идеали, останува да ги преиспитаме своите постапки и да се обидеме да ја реконструираме надежта дека нашите животи ќе ги поставиме на вистинските основи и дека за тоа не е премногу доцна, соопшти МНТ.