Трибината „Креирање на заедничка визија за Шар Планина“ ќе се одржи денеска во организација на платформата Пријатели на Шара, во Гостивар.
Оваа трибина е прва од серија трибини што ќе се одржат во сите шест општини во регионот на Шар Планина и се организира во рамки на проектните активности на платформата Пријатели на Шара, поддржани од ИПА-2 механизмот и канцеларијата на ГИЗ, Скопје.
Целта на оваа трибина е заеднички да зборуваме за иднината на Шар Планина и заштитата на природата и да креираме „Заедничка визија за Шар Планина“, велат организаторите.
На оваа трибина ќе бидат најавени и активности поврзани со креирање на советодавно тело за Шар Планина коешто треба да биде составено од клучни заинтересирани страни од сите шест општини.
Освен претставници на општината, на овој настан ќе бидат поканети и претставници на граѓански здруженија и други чинители како што се: собирачи на шумски плодови, сточари, ловџии, бизнис сектор и планинарски друштва од Гостивар.