Масовен митинг во Кишињев со барање за обединување на Романија и Молдавија

Од:

Поранешниот романски претседател Трајан Басеску, кој учествува на голем митинг во Кишињев по повод 100-годишнината од обединувањето на Бесарабија и Романија во 1918 година, ги повика парламентите на Романија и Молдавија да гласаат „во најкус можен рок” за обединување на двете држави.

Илјадници луѓе се собраа на Плоштадот на Големото национално собрание во Кишињев, извикувајќи слогани „Обединување” и „Долу границата меѓу браќа” и пееја патриотски песни, како и химните на двете држави.

Трајан Басеску ги повика парламентите на Романија и Молдавија да гласаат за обединување на двете земји, истакнувајќи дека сега живеат „според волјата на Сталин и Хитлер, и според омразениот пакт Рибентроп-Молотов”.

– Ги повикуваме парламентите во Букурешт и Кишињев во најкраток можен рок, во чест на стогодишнината, да гласаат за обединување, истакна Басеску, додавајќи дека „тоа е прашање на национално достоинство. Тој рече дека Молдавија е дел од Романија, а Молдавците се граѓани на Романија.

Поранешниот шеф на државата, актуелен лидер на Партијата Народно движење и почесен претседател на молдавската Партија на национално единство, е долгогодишен поддржувач на идејата за обединување на Романија и Молдавија. Поради оваа позиција, минатата година, молдавскиот претседател Игор Додон му го одзеде молдавското државјанство.

Митингот е организиран од групи кои поддржуваат обединување на Романија и Молдавија, а од молдавска страна се вклучија Партијата на национално единство, Либералната партија, Национал-либералната партија и Либерално-демократската партија. Исто така, беа поканети градоначалници на повеќе од 100 населени места во Молдавија, кои потпишаа декларација за обединување со Романија.

На митингот се приклучи и Лудовик Орбан, претседател на најголемата опозициска сила во Романија – Национал-либералната партија, како и лидерот на опозицискиот Сојуз за спас на Романија Дан Барна.

Истовремено, прорускиот претседател на Молдавија Игор Додон и Социјалистичката партија упатија бројни пораки против унионистичкото движење.

– Мислам дека сега, опасност број еден за Република Молдавија е се што прават унионистите… Унионистите се полоши од сепаратистите. Сепаратистите се обидуваат да отцепат дел од земјата, а унионистите сакаат да ја земат целата, истакна Додон.

Тој го обвини романскиот парламент за „агресивна политика” и истакна дека 70 проценти од Молдавците се против обединување со Романија. Додон предупреди дека односите меѓу Молдавија и Романија би можеле да станат слични на оние меѓу Украина и Русија.

На крајот на денешниот митинг, на кој според организаторите учествувале околу 100.000 луѓе, беше прочитана прокламација,во која се повикува на свечената седница во Букурешт на 27 март 2018 година, романскиот парламент да донесе одлука „преку која ќе се вклучи во национална реинтеграција со мирни средства за парламентарна демократија, во рамки на романскиот Устав и согласно меѓународното право“.

На 27 март, датумот на кој е изгласано обединувањето на Бесарабија и Романија, во Букурешт ќе биде организирана свечена седница на двата дома на романскиот Парламент, на која ќе присуствуваат голем број официјални претставници од Романија, како и парламентарна и владина делегација од Молдавија.

Би можело да ве интересира

Романија: Беспилотно летало забележано во Тулчеа, активирана е авијацијата

Земјотрес со јачина од 3,2 степени ја погоди Романија

Гаспром ја прекинува испораката на гас за Молдавија: „Ќе останеме без струја и греење“

Земјотрес во текот на ноќта ја погоди Романија

Горан Наумовски

Бугарија и Романија целосно влегуваат во Шенген од 1 јануари следната година

Австрија ќе го укине ветото за прием на Романија и Бугарија во Шенген