Утре, во просториите на ФИНКИ на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје на Државниот натпревар по информатика по 29 пат ќе се избира најдобриот програмер помеѓу основците и средношколците.
Натпреварот е во организација на Здружението на информатичари на Македонија, а како коорганизатор се јавува долгогодишниот поддржувач на овој натпревар – Семос Едукација.
Учество ќе земат најдобрите 100 учесници кои покажаа најдобри резултати на регионалните натпревари кои се одржаа на 11 март во три региони: Скопје, Струга и Струмица.
Свеченото отворање на настанот ќе се одржи во амфитеатарот на Технолошко – металуршкиот факултет, со почеток од 10 часот, каде свое обраќање ќе имаат претседателот на ЗИМ Миле Јованов и генералната директорка на Семос Едукација, Валентина Тасева.
Како коорганизатор и спонзор на натпреварот, Семос Едукација и оваа година ќе придонесе околу наградувањето на учесниците, односно за најдобрите учесници од сите категории ќе додели ваучери за бесплатна обука во Семос Едукација.
„Во Детскиот едукативен центар секојдневно се среќаваме со исклучително интелигентни деца со висок потенцијал за понатамошен развој во информатичката област. Сакаме да ги поддржиме и преку квалитетна едукација да им помогнеме да го искористат нивниот талент и правилно да го развиваат. Секогаш ни претставува задоволство да бидеме дел од вакви настани преку кои ги препознаваме овие таленти и им помагаме во стекнување на соодветните знаења. За потребите на натпреварот дел од учесниците ги подготвуваме во Семос Едукација и можам гордо да истакнам дека секоја година настапуваме со сериозен тим кој покажува одлични резултати на натпреварите.“ – изјави Наташа Ристеска Тодоровска, раководител на Детскиот едукативен центар во Семос Едукација.
Победниците на Државниот натпревар понатаму ќе ги покажат своите знаења и ќе се натпреваруваат на Македонската Олимпијада како и со учесници од други држави на Меѓународниот натпревар по информатика.