(ВИДЕО) Драма во Пржино: Се излизга патот, локалните жители стравуваат за домовите

Од:

Се излизга дел од улицата Пандо Кљашев во скопско Пржино поради градилиште за нова зграда. Асфалтот сосе лимените тараби за градилиштето и старите потпорни ѕидови се одронил утрово во шест часот. На улицата немало никој па нема повредени. Поради опасност за нов одрон, полицијата го огради просторот па без пристап до домовите останаа неколку семејства.

Жителите од околните куќи се огорчени од нереагирањето на Општината. Велат дека ги предупредиле и општинските власти и инвеститорот дека земјиштето ќе се излизга оти багерите ги откопале старите потпорни ѕидови кои го држеле патот и каналот за одведување на атмосферските води од Водно, но копањето за новата зграда не сопрело. Распаметени од можноста дека целото земјиште да се излизга и да им ги поклопи куќите, жителите дежураат покрај градилиштето.

„Ова не е еден ден. Ова е веќе месец дена како ги предупредуваме градежниците. Им кажуваме – патов ќе ни го уништите, ќе ни го пропаднете. Јас живеам на улицата кај почетната кривина. Борот го искршија целиот. Ги викнав да дојдат да не ми го фрлаат ѓубрето пред гаража, им реков да си го земат и да си го однесат. Пројдоа неколку дена почнаа улициве да пукаат, почнаа да пропаѓаат. Пак ги викнавме. Им го блокирав патот таму, а тие ми викнаа полиција. Полицијата место нас да не штити, ги штитеше нив. Што пробавме се џабе ни беше. Ги стопиравме, не може да поминат, камионите им стоеја, ни се закануваа – знаете со кого си имате работа. Им кажавме дека овде е дозволено да проаѓа само пет тонски камион, а не камион од 40 тона како што одат сега тука. Пријавено е во Општина не од еден туку од скоро сите куќи што живеат тука, сите имаат пријавено “, вели жител на Пржино.

Соседите рекоа дека просторот на кој сега се гради зграда им служел како паркинг и повеќе од 50 години на него не било дозволено да се гради било што. Сметаат дека ова не е последен градежен атак на нивната населба.

„Градоначалникот ветуваше дека ќе се прекине градежното лудило, но ова продолжува. Дознавме дека има маркици и во парк – шумата“, вели сосед на новата зграда.

Увид на местото на одронот, два часа по пријавата, направи и градежната инспекција од Општина Кисела Вода. Жителите со аплауз ги дочекаа инспекторите за иронично да им кажат дека одронот е нивна вина оти не постапиле по пријавите и ја поддржале урбаната мафија.

Уште еднаш им посочија дека на локацијата нема место за паркинзи за наводните 12 стана во зградата, нема соодветно решение за вода, струја за новиот објект и прашаа дали на инвеститорот му дале одобрение да урива и уништува општински имот алудирајќи на улиците. Општинските инспектори немаа одговор на бројните прашања на жителите и кажаа само дека инвеститорот имал одобрение за градење.

„Отако ќе ви скршат глава и ќе добиете потрес мозок што ќе ви е санирање?“, прашаа жителите, на што инспекторката од Кисела Вода одговори дека „Зошто мене ми кажувате, дали јас сум виновна за тоа што се случило“?

Инспекторката немаше што да изјави, велејќи дека треба да дојде фирмата инвеститор и да преземе заштитни мерки, тврдејќи дека на местото имало потпорен ѕид, но паднал. Како рече таа, позитивно е што ќе добијат нов пат, изграден од инвеститорот.

„Што да утврдам, тоа што гледате. Што да кажам? Улицата е падната, попуштило земјиштето. Јас порано укажав на фирмата да дојде и да преземе заштитни мерки. Имало потпорен ѕид, но е паднат“, вели инспекторката од Кисела Вода.

Одобрението за градење на оваа локација е потпишано од новиот градоначалник Филип Темелковски, кој за „Макфакс“ спротивно на кажувањето на инспекторката, вели дека на локацијата немало потпорни ѕидови, а општината ќе ја запре изградбата на определен период.

„Правниот тим на општината и инспекцијата ќе дадат претставки и ќе се запрат градежните активности. Факт е дека при градењето, фирмата не се грижела за безбедноста. Дополнително, на барање на граѓаните, ќе го лимитираме движењето на тешки товрни возила на горниот пат, кој воедно поради оштетувањата кои досега настанале, ќе треба да ги санира. По долниот пат ќе можат да се движат градежните возила, а потоа и тој пат инвеститорот ќе треба да го санира. Не можеме да му ја одземеме маркицата за градба, бидејќи тој има стекнатно право на земјиштето“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.

Уништен од градежната механизација е целиот пат што води до градилиштето. Жителите велат дека не е исклучена можноста да се појават одрони и на други места оти патот е со пукнатини насекаде, а оштетувања имало и на одводниот канал покрај патот. Сите оштетувања се пријавени во Општината од каде не презеле мерки да сопре уништувањето.

Градежната компанија „Хантерс“ која воедно е и инвеститор на зградата не испрати свој претставник а градилиштето, а не одговори ниту на повиците на „Мафакс“ за објаснување по уривањето на патот.

М.И.П.

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух