Премиерката на Велика Британија Тереза Меј денеска изјави дека поддржува истрага против „Кембриџ Аналитика“, консултантската фирма која е во центарот на скандалот околу употреба на податоци од Фејсбук.
– Она што го видовме во „Кембриџ аналитика“, тие обвинувања се очигледно многу загрижувачки и тие треба да бидат истражени соодветно, рече Меј пред пратениците во британскиот Парламент.
Таа нагласи и дека не знаела за никакви актуелни договори на Владата со „Кембриџ Аналитика“ или компанијата на која таа и припаѓа.
Професорот на Универзитетот во Кембриџ, Александар Коган, кој ги собирал податоците за милиони корисници на Фејсбук, денеска изјави дека е „жртвено јагне“ на оваа социјална мрежа и компанијата „Кембриџ Аналитика“, тврдејќи дека точноста на обработените податоци е „претерана“.
Компанијата „Фејсбук“ и нејзиниот сопственик Марк Закерберг се изложени на критки од светската јавност откако беше објавено дека компанијата „Кембриџ Аналитика“ незаконски собирала лични податоци на преку 50 милиони корисници на социјалната мрежа. Кристофер Вајли, поранешен вработен во фирмата откри дека „Кембриџ Аналитка“ ги користела профилите за предизборната кампања на Доналд Трамп и за победничкиот тим на кампањата за Брегзит.
Фејсбук соопшти дека податоците ги собирал Александар Коган, професор по психологија.
Коган денеска за Би-Би-Си изјави дека за „Кембриџ Аналитика“ работел во 2014 година, но истакна дека не знаел оти тие податоци ќе бидат искористени и за предизборната кампања на тогашниот републикански кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.
Тој наведе и дека „Кембриџ Аналитика“ ја преувеличила точноста на обработените податоци и оти така обработените податоци всушност би можеле да и наштетат на кампањата на Трамп.
Коган призна дека податоците што ги собрал можеле да бидат искористени за претседателските избори во САД во 2016 година, но сепак истакна дека да не мисли оти тие би можеле многу да влијаат врз исходот од изборите.
Истражувачот вели дека податоците ги собирал за да направи модел на човечко однесување на социјалните мрежи, додека Фејсбук тврди дека тој ја прекршил политиката на компанијата.
Професорот од Кембриџ објасни дека развил истражување за личност под име „Ова е твојот дигитален живот“. Тој собрал околу 270.000 податоци, но неговата програма собрала и некои јавни податоци на пријатели на корисници на Фејсбук.
На тој начин, тврди Вајли, за „Кембриџ аналитика“ се собрани податоци за околу 50 милиони корисници.
Коган за Би-Би-Си изјави дека е запрепастен од тврдењата против него затоа што му е кажано дека програмата е целосно легална.
– Од „Кембриџ аналитика“ ни рекоа дека се што правиме е легално… Мислевме дека правиме нешто што е сосема нормално… Мислам дека и Фејсбук и таа фирма ме искористија како жртвено јагне, рече тој.
Портпаролот на Фејсбук, во меѓувреме, изјави дека на Коган не му било дозволено податоците да ги доставува до фирмата „Кембриџ Аналитика“, односно на трета страна која би можела да ги искористи во комерцијални цели.
Исто така рече дека делењето податоци за пријатели на корисници на Фејсбук е спротивно на основните принципи на компанијата.
Коган, пак, вели дека го следел советот на „Кембриџ Аналитика“ и дека немал причина да се сомнева оти со тоа ги крши правилата на Фејсбук. Тој рече и дека лично немал никаква корист од собраните податоци и дека сега се обидува да соработува со властите.
– Единствено згрешив во тоа што не поставував доволно прашања, вели професорот и додава дека неговата академска работа во Русија нема никави врски со она што го работел за „Кембриџ Аналитика“.