Македонските каратисти, ги завршија натпреварите на петтиот турнир од светската 1 Премиер Карате Лига и турнирите од А серија. Турнирот се одржа во Ротердам, Холандија. Сите наши спортисти останаа без пласман и ги загубија борбите во првото или второто коло. Најголем резултат постигна каратистката на Макпетрол, Моника Стефановска која официјално се пласираше на 7. место.
Таа со овој резултат ќе ја подобри својата позиција на светската ранг листа, бидејќи 7. место и бодовите за трите победи носат дополнително бодови за овој висок пласман. Во моментов Моника Стефановска се наоѓа на 32 позиција во својата тежинска категорија -68 кг.
Неколку турнири од Премиер лигата се бодуваат за Олмписките игри во Токио 2020, а речиси во секоја категорија настапуваат по шеесетина најдобри каратисти според ранг листата на Светската карате федерација. На турнирот воРотердам настапија вкупно 683 натпреварувачи од 74 држави.
„На овој турнир, ние како клуб, заминавме со пет спортистки рангирани меѓу првите 50 во своите тежински категории. Турнирот во Ротердам, преставуваше петти турнир од Светската 1 Премиер карате лига, како и турнирите од А серијата за стекнување решавачки бодови за настап на олимпијадата во Токио 2020 година. Најдобар резултат од сите македонски каратисти постигна Моника Стефановска, која успеа да оствари висок пласман на 7-мата позиција и по четврти пат успеа да се пласира официјално меѓи првите 10 каратисти на овие најсилни светски натпревари. Таа во континуитет покажува дека созрева во врвен спортист и се носи рамо до рамо со целата светска конкуренција во својата тежинска категорија. Ова е нејзин четврти обид да освои медал на овие натпревари што остана безуспешен, но се надеваме дека наскоро, многу брзо, Моника Стефановска ќе не израдува и со освоен медал од овие највисоко рангирани карате натпревари што ги организира Светската карате федерација“, изјави Бошко Заборски, тренер на Макпетрол.