Индустриската зона во Кисела Вода во делот на Стаклара и Усје може да добие гас во октомври годинава, а за целата територија на општината вклучувајќи ги и домаќинствата ќе бидат потребни најмалку пет години.
Ова го најави градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски во интервју за МИА.
– Планираме заедно со ценатралната власт и со Градот Скопје, веќе во октомври барем делот на Стаклара и Усје да ги добијат кубиците на гас, а инаку за целосна гасификација на општината минимум пет години ќе бидат потребни. И домаќинствата да се опфатат, вели Темелковски.
Истакнува дека и бизнис секторот бара што побрзо да се спроведе гасификацијата и додава дека процесот на гасификација може многу брзо и лесно да почне бидејќи примарната мрежа завршува во Кисела Вода кај Охрид. Појаснува дека многу брзо може барем бизнис секторот да се гасифицира или индустриските зони кои се на територија на Кисела Вода, а тие се околу фабриката Усје, и после Пинтија, помеѓу Пинтија и Драчево.
Целиот проект според проценките е во вредност од околу 14 милиони евра со вклучен приклучок за домаќинствата. Темелковски посочува дека во одреден дел се прави државна стратегија за тоа доколку во еден град плаќа државата за приклучок на домаќинствата ќе плаќа секаде, но тоа се уште не е утврдено.
– Ние ќе почнеме веќе со ископи, ќе работиме многу повеќе на подигнување на свеста дека треба да се приклучат. Знаеме дека гасификацијата е нешто ново за нас, можеби има и одбивност од страна на граѓаните и тоа е дел од проблематиката. Така што и како општина и како централна власт многу повеќе ќе работиме на промоција на самиот проект за да се види кое е доброто кое го добиваат граѓаните, истакнува Темелковски.