Двојазични уплатници, фактури, бандероли предвидува законот за употреба на јазиците

Од:

Законот за употреба на јазиците, кој денеска по вторпат го изгласаа пратениците во Собранието пропишува во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, ќе биде и албанскиот јазик.

Стенограмите од седниците на Собранието и Владата, седниците на работните тела, како и другите материјали и документи, според Законот, треба да се издаваат и да се чуваат на македонски и на албански јазик.

Називите на институциите, како и сите други подрачни единици во единиците на локалната самоуправа, во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Називите треба да бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки, ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на Албанците. Истото важи и за поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите, бандеролите.

Униформите на полицијата, пожарникарството и здравството во Скопје и во општините каде што живеат 20 отсто Албанци исто така, според законот ќе бидат двојазични. Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот и албанскиот јазик. Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверките ќе се издаваат и на македонски и на албански јазик.

Имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе се пишуваaт на македонски и на албански јазик.

Законот пропишува основање агенција за примена на јазикот надлежна за стандардизирање и изедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, со помошни тела за поддршка на институциите. Освен тоа, се предвидува и формирање инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда.

Предвидена е глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра за органите, како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30 отсто од одмерената ќе му се изрече на службеното лице и на одговорното лице ако не го почитува законот.

Институциите се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат.

Би можело да ве интересира

Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се во паника и без визија

Уставен суд: Законот за јазици ќе се разгледува во целосен состав

Предраг Петровиќ

Меџити не сакал да влијае ама прати порака: Членовите на Уставниот суд да размислат со трезна глава околу Законот за употреба на јазиците

ВРЕДИ: Иницијативата за оспорување на двојазичноста е обид за државен удар

Уставниот суд ќе распарава за Законот за Договорот од Преспа и за Законот за употреба на јазиците

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Со фолк хитови пред МАНУ се бараше укинување на двојазичноста

Искра Манојлоска