Нема возач ниту пак патник во ЈСП што не го пцуе скопскиот градоначалник Петре Шилегов додека минува низ Бутел, последнава недела. Километарски колони возила се создаваат околу кружниот тек во близина на Општината, оти од минатата недела тој е единствениот начин од Центар да се стигне до Бутел, Радишани и околните населени места.
По налог на градоначалникот Шилегов, затворен за сообраќај е дел од улицата „Цетињска“ што претставува продолжение на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ и единствена алтернатива за да не се минува низ кружниот тек. Третиот пристап, пак, до Бутел 1, улицата „Александар Урдаревски“, е затворена за сообраќај уште од лани летото, поради реконструкција која се одолговлекува со месеци.
Бутелчани велат дека Шилегов насила го отцепил Бутел од останатиот дел од градот бидејќи ја затворил и „Цетињска“, а не ја довршил реконструкцијата на „Александар Урдаревски“ па сега сиот сообраќај е насочен кон кружниот тек кој не може да ги прими сите возила.
„Колоните се подолги од оние на грчка граница и само нашиот кружен тек го регулираат двајца полицајци. Наутро и попладне е толку заглавено што нема каде да поминне ни Брза помош ни пожарна, не дај боже да има потреба од нив, ќе умираме и ќе гориме“, велат бутелчани.
Од Град Скопје велат дека нема решение за метежот уште најмалку еден месец.
„Во согласност со изведбениот проект во оваа фаза на реализација на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, треба да се изведе спојување на атмосферската и фекалната канализација со постојната подземна инфраструктурата на улицата „Цетињска“.
Изведбените решенија се затекнати и врз основа на нив претходно се изработени времени сообраќајни решенија кои треба да ги спроведе сообраќајната полиција за регулација на сообраќајот и непречено движење на возилата и јавниот превоз. Работите на оваа фаза треба да завршат најдоцна до 15 април, оваа година“, велат од Град Скопје.
Затворена за сообраќај останува и улицата „Александар Урдаревски“. Рокот за нејзино завршување, според последната најава на градските власти е првата седмица на мај. Работите се одолговлекле поради зимските и влажни денови. На улицата веќе биле завршени инфраструктурата и тротоарите, а останал за уредување само коловозот.
Метежот од Бутел се пренесува и на сите околни крстосници, а автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кои минуваат низ оваа неселба, доцнат и во другите делови на градот. Скопјани од Нерези и Козле се жалат дека веќе една недела на автобуските постојки се собираат луѓе како на митинзи.
„Четириесет минути чекав 57-ца во Козле. Кога сериозно задоцнив на работа морав да барам такси. Шилегов треба да најде начин да не обесштети за доцнењето на работа. Не можеме да сметаме на јавниот превоз кој ние го плаќаме“, вели скопјанка, револтирана од доцнењето на автобусите на ЈСП.
Град Скопје не одговори на прашањата на „Макфакс“ дали ќе најдат начин да им надоместат на скопјани за изгубените дневници и доцнењето на работа, а не одговорија ниту на прашањето зошто ја затвориле „Цетињска“, без да ја довршат улицата „Александар Урдаревски“.
Од ЈСП тврдат дека сите поаѓања на линиите кои минуваат низ Бутел се навремени, а доцнење се јавува во текот на движењето поради градежните активности. Не можат да најдат ниту времено решение за автобусите да не доцнат оти не можеле да влијаат на градежните активности.
Маја Илиевска-Пачемска