Норвешките скијачи Мајкен Касперсен Фала и Јоханес Хесфлот Клебо триумфираа во спринт на Светскиот куп што се одржува во норвешки Драмен.
Некогашната олимписка шампионка во спринт ја помина патеката од 1.214 метри со време од 3:10.18 минути оставајќи ги далеку зад себе ривалките. Втора беше Швеѓанката Стина Нилсон, која заостана една секунда и 39 стотинки, а третото место и припадна на Американката Џесика Дигинс.
Фала е на лидерската позиција и во генералниот пласман со 627 поени, а на второто место со четири бодови помалку се наоѓа Керту Нисканен од Финска.
Во машка конкуренција триумфираше Клебо со време од 2:44.69 минути, втор беше неговиот сонародник Ејрик Бандстал, а трет беше Русинот Александар Бојшунов.
Со оваа победа Клебо ја обезбеди титулата во спринт за оваа сезона и сега има недостижни 1.308 поени во генералниот пласман.