Повеќе од 700 канадски лекари, меѓу кои 213 од општа пракса и 184 специјалисти, потпишаа отворено писмо во кое се противат на зголемувањето на нивните плати, што неодамна беше издејствувано од синдикатите.
Тие бараат парите предвидени за зголемувањето на нивните плати да се вратат во здравствениот систем, оценувајќи дека така ќе бидат многу подобро искористени.
„Желба ни е да се задоволат потребите на нашите пациенти и да се насочат за експлоатираните и недоволно платени колеги“, наведуваат лекарите во писмото.
„Овие зголемувања се уште пошокантни, бидејќи нашите медицински сестри, службеници и други професионалци се соочуваат со многу тешки работни услови, додека нашите пациенти живеат со недостиг на пристап до потребните услуги поради драстични намалувања во последниве години и централизација на моќта во Министерството за здравје “, се вели во писмото.
„Очигледно, единствено нешто што е имуно на кратење се нашите плати“, се жалат лекарите од Квебек во писмото кое беше потпишано минатата недела, но денеска објавено во канадските медиуми.
Според неодамна постигнатиот договор, околу 10.000 медицински специјалисти на Квебек ќе имаат зголемување на платата, во вкупна вредност од сегашните 4,7 милијарди долари на 5,4 милијарди долари во 2023 година, што претставува зголемување на платите од 1,4 отсто секоја година.
Податоците собрани од канадскиот Институт за здравствени информации покажуваат дека во просек, специјалистите во Квебек заработуваат 403.537 канадски долари годишно.