Потпишани се првите четири договори за поддршка на проекти со Програмата за користење средства од инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД) за периодот 2014-2020 година.
Потписниците се корисници на третата мерка од Програмата која се однесува на инвестиции во основни средства за преработка на земјоделски и рибни производи и се меѓу пристигнатите над 1.600 апликации на огласот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПРР) за ИПАРД програмата, што заврши во јули лани.
Николче Бабовски, директор на Платежната агенција, по денешното потпишување на договорите истакна дека со преземените активности во изминатите осум месеци се покажало дека државата е целосно посветена на искористување на расположивите 60 милиони евра со ИПАРД програмата за периодот 2014-2020.
– Потпишавме четири договори соодветни за кофинансирање од половина милион евра, односно делот којшто ќе се добие преку ИПАРД програмата е над 250 илјади евра, што ја покажува сериозноста со која се посветуваме на искористување на овие средства. Ова е класичен пример за продолжување на ИПАРД приказната но во позитивно светло која за жал во изминатиот период не беше со потребното внимание, изјави Бабовски.
Како што најави ресорниот министер Љупчо Николовски, во натамошниот период Агенцијата ќе продолжи со склучување на сите останати договори за распишаните мерки и одобрените проекти. Ќе следи исплата на голем дел од средствата, по што ќе се почнат постапки за распишување уште два јавни огласи за ИПАРД програмата.
Николовски потенцираше дека е завршена првата фаза за кадровско зајакнување на Платежната агенција, откако беше заокружен огласот за вработување на 28 лица кои ќе работат во делот на ИПАРД програмата.
– Во следниот период продолжуваме со следните фази од ова силно кадровско зајакнување на Платежната агенција кое што е предуслов за побрза обработка на апликациите, а тоа значи поголема искористеност на средствата од ИПАРД програмата, изјави Николовски, оценувајќи дека 2018 година ќе биде успешна во искористувањето на европските пари кои се на располагање на домашното земјоделство.