Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на Здружението на судиите на Република Македонија што ја предводеше претседателот на здружението д-р Џемаили Саити, судија во Врховниот суд на Република Македонија.
Претседателот на на Здружението на судиите д-р Џемаили Саити, изрази благодарност за можноста здружението да учествува во досегашните процеси за реформи во правосудниот систем, и изрази подготвеност здружението како организација, како и неговите членови, и понатаму да партиципираат активно во овие важни реформски зафати.
Судијата Џемаили на средбата истакна дека судиите и вработените во правосудството очекуваат реализација на предвидените најавени промени што треба да ги донесат најавените закони за судовите и за Судскиот Совет, особено во делот на менувањето на сликата за судството, но и во делот на можностите за поголема финансиска самостојност и за усогласување на платите во правосудтвото соодветно за новите законски решенија.
Премиерот Заев го поздрави досегашниот ангажман на Здружението на судиите во подготовката на реформските процеси и во креирањето на новите законски решенија за законите за судовите и за Судскиот Совет, и изрази надеж и увереност дека конструктивната соработка со здружението ќе продолжи и во фазата на јавната расправа за новите законски решенија.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев нагласи дека ја очекува натамошната ангажираност на Здружението на судиите на Република Македонија и во периодот на имплементација на реформските закони во правосудството и дека секоја идеја, предлог и конструктивна критика за формирањето и за работењето на Советот за имплементацијата на реформите во правосудството, што ќе дојде од судиите, ќе биде многу значајно за да се врати кредибилитетот на судските институции.