„БМВ“ го навестија својот следен чекор, откако во мрежата пуштија фотографија од интересна силуета. Се работи за новиот „M8 Гран Купе Концепт“. Овој модел ќе биде претставен на саемот во Женева за неколку дена.
Од сликата не се гледа многу, освен дека дизајнот ќе биде близок до купето. Поинтересно е дека „M8 Гран Купе“ ќе има четири врати. Иако е концепт во моментов, издолженото купе сигурно ќе влезе во сериско производство и ќе заземе место до останатите претставници на ревитализираната Серија 8.
Првите фотографии на маскирното возило од Серија 8 се појавија пред малку повеќе од еден месец, кога од „БМВ“ почнаа тестови врз возилото. Тоа, сепак, беше купе со две врати, за разлика од новото „Гран Купе“, што ќе има четири. До нив, во гамата на автомобили во осмата серија, ќе има кабриолет.
Очекуваме „M8 Гран Купе“ да има многу сличности со новиот „M5“ во однос на моторот и погонот. Сепак, повеќето детали за автомобилот се чуваат во тајност. Очекуваме појасни информации на саемот во Женева.