Северна Кореја денеска се закани дека „на свој начин“ ќе им се спротистави на САД доколку американската армија одржи заедничка воена вежба со Јужна Кореја, предупредувајќи дека маневрите ќе наштетат на напорите за постигнување на примирје на Корејскиот Полуостров.
– Ако САД одржат заедничка воена вежба додека и понатаму се во сила санкциите кон Демократска Народна Република Кореја, ДНР Кореја ќе им се спротистави на САД на сопствен начин за противдејствување, а САД ќе мора да ја преземат цела одговорност за последиците што ќе уследат, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Во соопштението се истакнува и дека Вашингтон се обидува да го попречи ублажувањето на тензиите помеѓу Северна и Јужна Кореја.
На почетокот од април предвидена е заедничка воена вежба помеѓу американската и јужнокорејската армија.
САД на 23 февруари соопштија дека воведуваат нов пакет санкции кон Северна Кореја со цел да извршат притисок Пјонгјанг да се откаже од нуклеарната и ракетната програма.
Американскиот претседател тогаш предупреди дека тоа е „фаза два“,, која би можела да биде „многу несреќна по светот“ ако не би имале ефект таквите чекори.
Зимските олимписки игри во Пјонгчанг минатиот месец беа поттик за зближување помеѓу двете Кореи. Сеул планира и да испрати специјален претставник во Пјонгјанг на повик на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.