Руската Централна изборна комисија (ЦИК) оцени дека претседателските избори во САД, кои се одржаа во ноември минатата година, не биле фер, транспарентни и објективни, пишува весникот „Раша тудеј“.
Претседателските избори во САД, кои се одржаа на 6 ноември лани, не ги исполнија демократските стандарди и меѓународните принципи и затоа не можат да се сметаат за објективни, се наведува во извештајот подготвен врз основа на мислењата на руски невладини организации кои ги набљудувале овие избори.
Во документот се нагласува дека од различни причини правото да гласаат им било ускратено на повеќе од 50 милиони Американци, а исто така не бил испочитуван принципот на тајно гласање, бидејќи на гласачите им било овозможено тоа да го направат преку мејл и факс.
„Раша тудеј“ наведува дека овој извештај ќе биде официјално објавен пред инаугурацијата на американскиот претседател Барак Обама на 21 јануари.